Групна маска со креирани костими и песни од различни земји, проследени со мешавина на традиционалните танци од Македонија, Италија, Унгарија, Романија, Албанија и Хрватска е крајниот продукт на младинската размена “Culture is in the air” со која учесниците учествуваа на познатиот Струмички карневал кој во последно време има интернационален карактер.
Ова ја потврди сликата како младите од различни земји, култури и услови на живеење можат заеднички да работат користејќи ги своите вештини, знаења и креативност.
Деветдневната програма на младинската размена им овозможи на луѓето од шесте земји -учеснички заеднички да ја разберат традицијата на другите и нејзиното одржување, како и да ги споделат знаењата за историјата и културата на своите земји.
Преку организираните работилници се идентификуваа традиционалните елементи како танцот, музиката и традиционалните костими. На тој начин се дозна за нивното значење во секоја земја, културата, стереотипите и предрасудите.
Низ позитивна атмосфера и креативност, учесниците ги сплотија различните традиции преку групната маска за Струмичкиот карневал преку која ги прикажаа различните начини на живеење од историјата.
Заеднички поминатото време придонесе за позитивна меѓусебна комуникација, пријателство и контакт во иднина.
Младинската размена “Culture is in the air…” се одржа од 25 февруари до 5 март 2009 година, во Виница, Македонија. Оваа размена беше организирана од Креактив, а финансиски поддржана од Младинската програма ‘‘Млади во акција‘‘ на Европската комисија.





