Локалната демократија е една од најважните придобивки во реформскиот процес и услов за обезбедување на покавлитетни услуги за граѓаните. Нема успешна децентрализација на власта, ниту одговорна, транспарентна и ефикасна локална власт, без постојана комуникација, косултација и директна соработка со граѓанскиот сектор, истакна министерот за локална самоуправа Муса Џафери во обраќањето на панел дискусијата „Локалната самоуправа и граѓанското општество: Можноста за заедничка соработка“.
- Граѓанскиот сектор е исклучително мобилизиран инструмент за корегирање на власта и носење на одлуки што ќе бидат блиски до граѓаните. Многу е тешко, речиси невозможно граѓаните да иницираат некое прашање на индивидуална основа, без претходно формално самоорганизирање во функција на решавање на некој заеднички или јавен проблем, рече Џафери.
Сериозен чекор, спроед него, е направен преку реализација на проектот „Форуми во заедниците“, каде граѓаните одлучуваат за реализација на приоритетни проекти.
За евроамбасадорот Ерван Фуере присуството и учеството на граѓанското општество е многу важен фактор во интегративниот процес на земјата во ЕУ.
- Овој процес на интерактиво партнерство и комуникација ја гарантира успешната интеграција на земјата во Европската унија. Процесот на децентрализација ги зближува властите, локалните и централните со корисниците на услугите, односно граѓаните, со што ќе можат да се донесат корисни одлуки, рече Фуере.
Преку посетите на повеќе општини низ Македонија, тој забележал дека влијанието на граѓанскиот сектор е позитивно во донесувањето на одлуки.
Панел дискусијата „Локалната самоуправа и граѓанското општество: Можноста за заедничка соработка“ е во организација КРЕАКТИВ, а во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.





